Вести Македонија Ударни вести

Верските лидери со апел до граѓаните опасноста од вирусот да ја сфатат како реална

Сподели:

 

На средбата, лидерите на верските заедници во земјава упатија едногласен апел до сите граѓани за одговорен однос кон себеси и ближниот, а опасноста од вирусот да ја сфатат како реална и сериозна по животот и здравјето. Тие повикаа и на мирни, слободни и демократски избори во интерес на иднината на државата, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по денешната средба на лидерите на верските заедници кои се спомнати во Уставот.

На средбата која се одржа на покана на директорот на Комисијата, Даријан Сотировски, присуствувале поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан; в.д. реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир еф. Фетаху; бискупот на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, Марјан Димов. Од оправдани причини отсуствувала претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо Николиќ.

Верските лидери во дискусија за сериозноста на заканата од пандемијата предизвикана од коронавирусот, дадоа оценка за достоен, за почит и пофалба неуморниот труд на лекарите и на медицинскиот персонал при справувањето со вирусот – соопшти Комисијата за средбата на духовните лидери.

Бидејќи се наоѓаме во предизборен период, апелираме и за мирни, слободни и демократски избори во интерес на иднината на државата, како и за негување на културата на толеранција, висока духовност, почит и етичност во односите меѓу конфесиите и во односите со јавноста на сите верски субјекти.

Сподели: