Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ добија покана за исказ во СЈО

Сподели
Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се повикани на распит во Специјалното јавно обвинителство, дознава Телевизија 24 од извори во истрагата.
Тие во следниов период треба да се појават во СЈО како дел од проширувањето на истрагата за предметот „Титаник“ во кое опфатени се 17 лица. Од СЈО не откриваат кои лица се повикани, но потврдуваат дека поканите се испратени.
Според информации на Телевизија 24, истрагата е фокусирана на различните начини на кои се вршеле злоупотреби во финансирањето на изборната кампања за изборите во 2011 и 2014 година. Во неа влегуваат и информациите кои СЈО ги доби од исказите на сведоците од Охрид, петнаесетина на број, од кои како што беше истакнато на последната прес-конференција биле прибрани многу корисни информации за истрагата.
Прислушуваните материјали ги навеле обвинителите дека покрај дванаесетте осомничени опфатени со почетната истрага, во изборни нерегуларности биле инволвирани многу повеќе лица. Покрај со аудиозаписите кои не се објавени, а упатуваат на криминал, СЈО располага и со материјални докази, истакна Јанева.
„Пет од осомничените лица делувале како создатели на групата, а се работи за функционери во власта, а останатите осомничени се членови на групата, а кои се вработени како службени лица во повеќе државни органи“, изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
На почетокот на февруари на распит во СЈО беа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Кирил Божиновски кои се првооозмничени во „Титаник“. Сите побараа увид во доказите и треба повторно да дојдат во СЈО.