Вести Македонија Ударни вести

Владата го усвои предлогот за измени на Законот за минимална плата

На 19. седница со која претседаваше вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, Владата го усвои предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за минималната плата и со тоа ја почна законската процедура за зголемување на минималната плата на ниво од 12.000 денари.

„Ќе се овозможи исплаќање на иста висина на минимална плата за сите вработени во Република Македонија кои примаат минимална плата, а ќе се обезбеди и финансиска поддршка за фирмите од буџетот на Република Македонија за да ја исплаќаат договорената повисока минимална плата. Усвоените измени на предлог-законот, Владата во текот на денешниот ден ќе ги достави до Собранието на Република Македонија на разгледување и на усвојување“, информираат од владината прес-служба.

На седницата Владата донела и измени на предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството, како и на програмата за рурален развој со кои, како што појаснуваат од владината служба за односи со јавноста, биле издвоени нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците.

Владата именувала и членови на управни и надзорни одбори во установи, агенции и други органи што се во надлежност на владата.

На седницата усвоен бил и предлог-законот за ратификација на Спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.

Сподели: