Власта и опозицијата ги приближија ставовите за Законот за ЈО

Сподели

 

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски, по средбата во Владата меѓу претставници на Владата и опозицијата, околу новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се регулира и статусот на СЈО, изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на Обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.

„Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на буџетот што би го имало Обвинителството. Значи да го зголемиме буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот“, рече Ристовски.

Тој додаде дека состаноците и разговорите за Законот за Јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, а за кој меѓународната јавност даде позитивна оценка за текстот, ќе продолжат и во текот на оваа недела и дека измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.