Вести Македонија Ударни вести

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Заев и Владата за изборен поткуп на фирми

Сподели:

 

За изборен поткуп на фирми ги обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ, на вонредна прес-конференција, премиерот Зоран Заев и Владата, посочувајќи дека на владината седница, која е во тек, е ставена точка за доделување финансиска поддршка на 159 компании, на само четири дена пред одржување на локалните избори.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, од дневниот ред за денешната владина седница се гледа дека се прави флагрантно кршење на Изборниот законик и институционален поткуп за што, како што рече, следи одговорност.

„Зоран Заев и сите членови на владата денес треба да знаат дека со гласањето на оваа точка прават кривично дело за кое што ќе одговараат. Со ова се крши член 8а од Изборниот законик, кој најстрого забранува исплаќање на буџетски средства во тек на кампања,“рече Мисајловски, на прес-конференција што беше најавена како вонредна.

Тој ја повика Антикорупциската комисија и другите надлежни институции да реагираат.

„Ако СДСМ е сигурен во победата, исплатата може да ја направи една недела по изборите. Доколку пак им мислеа добро на фирмите тоа ќе го направеа многу порано пред изборите. За ова грубо кршење на законите и поткуп од невидени размери ќе бидат известени сите меѓународни организации кои го следат изборниот процес и странски претставници во земјава, а истовремено и ќе поднесеме соодветни пријави до институциите,“рече Мисајловски.

Од Владата утрово најавија дека, на денешните две седници ќе бидат разгледани повеќе информации за склучување договори за доделување финансиска поддршка на компании, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а подготвени и предложени од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. На дневен ред е и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за услуги, за кој како предлагач се јавува Министерството за економија. Исто така, ќе биде разгледана и информација за текот на преговори за пристапување кон Спогодбата на Светската трговска организација за јавни набавки.

ВМРО-ДПМНЕ, соопштение 

Сподели: