Вести Македонија Ударни вести

Прва средба на работните групи за францускиот предлог

Сподели:

 

Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска ќе одржат прва средба, на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието во врска со европскиот предлог и отпочнувањето на преговори за влез во ЕУ.

Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.

Се очекува на средбата партиските претставници да ги изнесат своите ставови и забелешки за предлогот, што веќе се познати во јавноста.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека во Собранието ќе се формираат групи меѓу политички партии кои ќе работат на предлог-забелешките што се проблематични во целиот текст. Според него, ова доаѓа по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за да се разговара за измени што ќе го подобрат предлогот и ќе се вметнат одредени забелешки во однос на се она што е на штета на државата и националните интереси. Ваквиот формат на разговори во Собранието го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет рече дека Собранието ќе донесе одлука дали ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ и ќе донесе заклучоци откако Владата до пратениците ќе ги достави европскиот предлог, билатералниот протокол и уште еден документ.

 

 

Сподели: