Вести Македонија Ударни вести

Во урбаната акција за диви депонии маркирани се 30, а ги има повеќе од 300

Сподели:

Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, во рамките на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство, изминатите 10 дена посетиле над 200 депонии низ цела Македонија.

„Најубавите и најразвиените депонии кои се истакнуваа со својата диверзитетност и богатство, а истовреме и најдобро го упропастуваа пејзажот ги одблежавме со пригодни табли односно ги прогласивме за национално културно наследство кое мора да се заштитува и негува. Според сознанијата до кои дојдовме, при подготовката на оваа акција на територијата на Македонија има преку 300 диви депонии и скоро шест пати повеќе, односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта. Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта можеме да ги посочиме Полошкиот регион, а зад него се Скопскиот и Кумановскиот регион иако ниту еден регион не заостанува значително“, вели Никола Писарев од ЦСУ.

Според него, интересен е фактот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 километри и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30 километри, а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар.

Во рамките на оваа акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата со пригодни табли биле маркирани 30 ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони.

Фотографиите со детални локации од над 50 диви депонии и ѓубришта кои беа опфатени во оваа акција ќе бидат испратени и до надлежните во министерството за екологија.

Акцијата е дел од проектот „Креативни заедници“ поддржан од УСАИД за граѓанско учество.

meta.mk

Сподели: