Втора лажна тревога за подметната бомба во Собрание

Сподели

 

Единицата за антитероризам на МВР синоќа интервенирала во Собранието на Република Македонија, заедно со други припадници на полицијата, откако било пријавено дека е подметната бомба во зградата на законодавниот дом. Пребарувањето потоа покажало дека станува збор за лажна дојава, односно во зградата не била пронајдена никаква експлозивна направа.

Како што изјави за „Мета“, портпаролката на СВР Скопје, Лиза Бендевска, дојавата била добиена околу 23 часот, при што засега непознато лице на бројот 192 ја дало лажната дојава. МВР работи на расчистување на случајот и на утврдување на идентитетот на дојавувачот на лажната информација.

Станува збор за втора тревога во два дена што на полицијата во Скопје им ја приредуваат лажни дојавувачи за напади на највисоките државни институции во земјава. Викендов граѓанин се заканил дека ќе истрела две ракети во зградата на Владата на Република Македонија. Подоцна тој е откриен и приведен, а во јавноста беше соопштено дека тој бил пијан, а немал ни можност да ја оствари заканата.

На социјалните мрежи утринава, по втората закана, се развија обемни дискусии околу тоа дали ваквите „закани“ се, всушност, нечија режија за да се сврти вниманието на јавноста од актуелната политичка ситуација.