Вести Македонија Ударни вести

Заев до папата Франциск: Глобалната хуманитарна криза да се решава врз основа на Декларацијата за бегалци и мигранти на ОН

Сподели:

Премиерот Зоран Заев, прими писмо со порака од Папата Францис по повод 1. јануари, Светскиот ден на мирот, празник востановен од страна на Католичката црква во 1967 година.

Пораката за 2018 година, по повод Светскиот ден на мирот, е посветена на мигрантската криза во светот, на сите мигранти и бегалци, мажи и жени во потрага по мир.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во одговорот до Неговата Светост Папата Францис истакнува дека „со особено внимание и чувство на загриженост, ја прифативме Вашата порака по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, што оваа година ја посветувате на мигрантската криза во светот, на сите мигранти и бегалци, мажи и жени во потрага по мир“.

– Искрено ја прифаќаме Вашата загриженост, и се придружуваме кон Вашите заложби дека оваа глобална хуманитарна криза во 2018 година ќе се решава врз основа на Декларацијата за бегалци и мигранти на Обединетите Нации, и дека лидерите на светската организација ќе ја завршат подготовката, и дека ќе ги одобрат двете глобални спогодби. Едната за безбедна, уредна и редовна миграција, а другата за бегалци. Ја делиме и Вашата надеж, изразена во пораката дека со овие спогодби ќе се обезбеди рамка за предлози за политики и практични мерки, како инспирација за унапредување на процесот на градење на мирот, и дека меѓународната заедница ќе најде начин да побара од земјите членки да ги гарантираат правата на бегалците и мигрантите – се вели во одговорот на писмото со порака по повод 1 јануари, Светскиот ден на мирот, на Папата Францис.

Сподели: