ЗАЕВ: ЕК ја смести Северна Македонија на листата на најголемите достигнувања на ЕУ

Сподели

 

Премиерот Заев денеска оствари средба со Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер после што одржаа и заедничка прес-конференција на која учествуваше и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Премиерот Заев констатираше дека минатата недела Северна Македонија го доби најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство.

 

 

„Денеска на средбата со претседателот Јункер и комесарот Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската унија во овој период. Тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик“, соопшти премиерот Заев на прес конференцијата и додаде дека за 12 месеци, земјата ги заврши реформите во целост, темелно ги имплементира Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.

Премиерот Заев рече дека земјата е пример за соработка и пријателство во регионот, а на внатрешен план општество што покажува политичка зрелост и европски манири.

 

„Целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион“, нагласи премиерот Заев.

Заев истакна дека Европа е силна и уникатна бидејќи секогаш знаела да води и внатрешни реформи, и политика на проширување.

„Во исто време, отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“, потенцираше премиерот Заев и во завршницата на прес конференцијата изрази голема благодарност на Претседателот Јункер и на комесарот Хан за нивниот личен ангажман и голема поддршка за Северна Македонија во текот на неговиот досегашен мандат како докажани пријатели и поддржувачи на нашата држава.

Во својот дел од обраќањето на прес конференцијата заедно со премиерот Заев и комесарот Хан, Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер му честиташе на Претседателот на Владата на РСМ и на целата држава за историските чекори преземени во претходните две години и нагласи дела земјата е светол пример во регионот и пошироко.

Јункер истакна дека Северна Македонија е подготвена за следниот чекор, за отворање на преговорите и дека тој ќе ја брани земјата и овој став секогаш.

Еврокомесарот Хан во неговата изјава на прес-конференцијата за медиумите во Европската Комисија во Брисел нагласи дека Северна Македонија ги исполни сите задачи што беа побарани од неа и дека сега е на ред Европскиот Совет да го исполни ветувањето од минатата година и да го потврди датумот за отворање на поглавјата, и со тоа да ја направи Република Северна Македонија гарант на мирот и просперитетот во регионот.

Претседателот Јункер и комесарот Хан заеднички констатираа дека е направен огромен прогрес во реформите во земјата, дека сега е време Европската Унија да испорача и дека во рацете на Унијата е да се гарантира мирот и просперитетот во регионот.

Претседателот на ЕК, Јункер, во одговор на новинарско прашање околу очекувањата дали земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ, рече дека Комисијата дала свој предлог наведувајќи дека сега на ред е Советот на министри да донесе одлука за започнување на преговорите.

Намерата на Комисијата е да направи сѐ, дефинитивна одлука да биде донесена ова лето, рече Јункер.