Заев и Мицкоски ќе се соочат на телевизиски дуел

Сподели

Премиерот Зоран Заев ја прифаќа поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за дуел на телевизија, потврдија за МИА од Владата.

Отвореноста е еден од основните принципи според кои работи претседателот на Владата на Република Македионија Зоран Заев. Постојано комуницираме со јавноста на отворен и двонасочен начин, преку одговори и прашања, но и дебати и дуели. Така што премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата е отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти, изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Мицкоски синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата го повика Заев да се соочат на телевизија и да дискутираат за преговорите за името.

-Ние бевме прилично јасни во нашиот став и кажавме дека вака сериозни прашања одговорни политичари, државници кои што и мислат добро на својата татковина, кога станува збор за едно вака сериозно прашање е логично да отворат фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи. Една таква целна група е и ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија но и сите политички партии што се парламентарни, бидејќи е логично да тие партии одлучуваат понатаму за некаков евентуален, хипотетички договор помеѓу Република Македонија и нашиот јужен сосед – рече Мицкоски.