Замрзнување на маржите за основните производи до 30 април

Сподели

 

На вчерашната 115 седница на Владата, донесена е одлука за замрзнување на маржите при продажбата на одредени производи, која ќе да важи до 30 април, 2023 година.

Опфатот на мерката, како и досега, продолжува да се однесува на: белиот леб, белиот шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), со 5% трговска маржа за трговците на големо (и производителите) и трговците на мало; како и за брашно од пченица – тип 400 и тип 500,  макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт со 10% трговска маржа за трговците на големо (и производителите) и трговците на мало.

Дополнително на тоа, Владата овозможи од 1 декември, домашните производители на основните прехранбени производи да користат субвенционирана електрична енергија, сѐ додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија. Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да има и корегирани цени.

Владата, на денешната седница, го утврди и текстот на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, предложен од Министерството за финансии.

Со предложените измени, се зголемува највисокиот дозволен износ којшто може да се врати на едно физичко лице за едно календарско тримесечје. Односно, се планира највисокиот износ којшто може едно лице да го оствари, како право на поврат на дел од данокот на додадена вредност, да се зголеми на 2.100 денари по квартал за едно физичко лице. Сега овој износ по лице и по квартал е до 1.800 денари.

Владата го утврди и текстот на Предлог на Закон за нуспроизводи од животинско потекло, предложен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на овој закон е обезбедување високо ниво на заштита на јавното здравје и здравјето на животните, како и заштита на безбедноста на ланецот на храната и храната за животните.

Со законот, според посоченото од ресорното министерство, се уредува постапувањето со нуспроизводите од животинско потекло и производи добиени од нив преку утврдување на начинот на собирањето, транспортот, отстранувањето, постапката, преработката, обработката, претварањето, складирањето, ставањето во промет, дистрибуцијата, употребата и нештетното отстранување на нуспроизводите од животинско потекло и производите добиени од нив. Со законот се врши усогласување со Регулатива на ЕУ.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување на Меѓународна спогодба помеѓу Европската Унија и Северна Македонија за учеството на Северна Македонија во програмата на Унијата – програма Дигитална Европа за периодот 2021-2027 година и го разгледа и прифати усогласениот текст на оваа спогодба, на предлог на Министерство за информатичко општество и администрација.

Програмата DIGITAL, според информацијата од Министерството, претставува програма на Европската Унија насочена кон приближување на дигиталните технологии кон бизнисите, граѓаните и јавната администрација.

Владата го овласти министерот за информатичко општество и администрација да ја потпише Спогодбата.