Здружението „Билка“ бара оставка од министерот за животна средина Дураку

Сподели

 

Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје, Здружение на граѓани кое се залага и бори за зачувување и унапредување на животната средина бара итна и неотповиклива оставка од министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, по неговата неумесна изјава.

„Последната изјава на министерот Дураку дека тој не се занимава со граѓаните кои решиле да тужат поради загадениот воздух, е само последната капка која ја прели чашата. Ноторен факт е дека именуваниот министер е исклучително пасивен во својот ресор и граѓаните често погрешно мислат дека министер е Јани Макрадули кој е заменик-министер, а не Садула Дураку. На граѓаните и на нам како зелено здружение ни е потполно нејасно која е улогата на овој човек, освен бенефиции како министер, ниту, пак, можеме да го видиме неговиот особен допринос во заштита и унапредување на животната средина“, велат од Здружението.

Од таму посочуваат дека ова не е првпат Дураку да се однесува комплетно игноратнтно кон Здруженијата на граѓани кои се занимаваат со она што всушност самиот тој треба да се занимава.

„Поради тоа и поради фактот да за речиси година и половина како министер нема преземено никакви мерки во насока на заштита на животната средина, во услови кога целата држава се гуши од загадениот воздух, а ресорниот министер не се занимава со граѓаните, бараме итна и неотповиклива оставка на министерот Садула Дураку. Доколку тој самиот не си даде оставка, инсистираме на тоа да биде разрешен. Сметаме дека нашата Република има видено и повеќе од доволно функционери кои се непосветени на работата и не се достојни за функцијата на која се именувани“, велат од Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје.