Жерновски ги прими акредитивите на новиот португалски амбасадор да Силва Пина

Сподели

 

Заменикот Министер за надворешни работи,  Андреј Жерновски, денес ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Португалската Република во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Мариа Вирџиниа Мендес да Силва Пина.

 При тоа, беше нагласено задоволство од досегашниот развој на билатералните односи меѓу двете држави и истакната подготвеност за натамошно зацврстување на пријателските врски, како и искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката.

ЗМНР Жерновски се заблагодари на подршката на Португалија во однос на нашите евро-атлантски аспирации, конкретно изразени преку ратификацијата на Протоколот за НАТО, како и поддршката за што поскоро започнување на преговорите со ЕУ. Во тој контекст, Жерновски истакна:          ”Македонските граѓани никогаш нема да ја заборават поддршката на официјален Лисабон. Ние не сме само пријатели, туку наскоро и сојузници во НАТО и во ЕУ”. Во овој контекст и посака успешна мисија на новиот португалски амбасадор, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на односите и доближувањето на двете земји.

Уверувајќи дека официјален Лисабон ќе продолжи да ја поддржува Сeверна Македонија на европскиот и евро-атлантски интегративен пат, амбасадорот Мариа Вирџиниа Мендес да Силва Пина искажа подготвеност да продолжи со градење меѓусебни блиски релации преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Соговорниците разменија мислења за перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, како и следните чекори во насока на отворање на пристапни преговори со нашата земја што е можно поскоро.,,