ЖЕРНОВСКИ: ПРАВДАТА ЌЕ ГИ СТИГНЕ НАСИЛНИЦИТЕ! БОКСЕРУ СЕ ГЛЕДАМЕ НА СУД!

Сподели

zernovski-pred-SJO

” – На таквите како Никола Груевски местото не им е во политиката, туку во поправна установа, а како што можевме да слушнеме од прислушуваните разговори, и во здравствена институција”- изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, по исказот што го даде во Специјалното јавно обвинителство за нарачаните шлаканици и демолирањето на општинските бараки во 2013 година.

Жерновски рече дека од прислушуваните разговори за овој настан се слуша дека Груевски не само што е криминалец, туку е и „насилник и кукавица“, кој од позиција на премиер наредува физички да биде нападнат градоначалник на општина.

На денешното сослушување, кое траеше повеќе од три часа, Жерновски, дал исказ за настаните од јули 2013 и приложил докази за луѓето кои учествувале во нив.

– Пред Специјалното обвинителство дадовме докази за настанот во кој имаше повреден советник и беа предизвикани големи материјални штети. Дадовме докази дека луѓето што учествувале во овие настани се членови и припадници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од кои дел беа регрутирани од државните институции. Приложивме и фотографии на кои овие лица се фотографирани со поранешната министерска за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Никола Груевски и претседателот на државата, Ѓорге Иванов  – изјави Жерновски, кој истакна дека и овојпат е убеден во тоа дека правдата ќе ги стигне насилниците.

Тој упати и лична порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Знам дека си бил боксер, но исто така знам дека никогаш не си учествувал во боксерски меч. Бидејќи сега ќе имаме можност наскоро да се видиме на суд, таму ќе можеме да ги одмериме силите – рече Жерновски.

Тој против Груевски во април 2015 година поднесе кривична пријава веднаш по објавувањето на прислушуваниот разговор во кој тогашниот премиер нарачува да му бидат удрени 5 – 6 шлаканици.