Зимава во Карпош воздухот бил најчист – Лисиче, Ректорат и Гази Баба најзагадени [инфографик]

Сподели

 

Проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје останува актуелен, но бројот на денови со нечист воздух и измерените загадувачки концентрации изминатава зима се нешто помали во споредба со претходната зима, особено кај најопасните ПМ 2.5 честички. Во текот на декември 2021 и јануари 2022 година од петте постојани мерни станици во Скопје, произлегува дека најчист воздух дишат граѓаните на Карпош, додека аерозагадувањето е најголемо во Лисиче, а веднаш по него следуваат Гази Баба и Ректорат.

Изминатава зима мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање покажува дека Карпош била локацијата со најчист воздух во однос на најопасните загадувачки честички. Во текот на декември 2021 година, само во текот на 6 дена максималните концентрации на ПМ 2.5 честички во воздухот биле над дозволените 25 микрограми на метар кубен. Наспроти Карпош, мерната станица во Центар измерила дека дури 16 дена од последниот месец лани загадувањето со ПМ 2.5 честички било над дозволените граници.

Во Гази Баба надминување на максималните концентрации од 25 микрограми на метар кубен се регистрирани во дури 24 дена од декември 2021 година. Мерните станици во Лисиче и Ректорат измериле дека 25 дена од изминатиов декември се дишел опасен воздух, кој содржел ПМ 2.5 честички над пропишаните вредности.

Речиси идентични мерења на аерозагадувањето во Скопје се добиени и за јануари 2022 година. Мерната станица во Карпош покажала дека 4 дена од првиот месец годинава во воздухот имало ПМ 2.5 честички над максимално дозволените концентрации од 25 микрограми на метар кубен. Наспроти ова, во Центар дури 20 дена од јануари воздухот бил опасно загаден со ПМ 2.5 честички.

Најлош воздух во однос на најопасните загадувачки честички се дишел во Гази Баба, каде 23 дена од јануари 2022 година присуството на ПМ-10 честичките било над дозволените граници. Дури 24 дена на мерната станица во Лисиче и 25 дена на мерната станица кај Ректорат регистрирано е 24-часовно присуство на ПМ 2.5 честичките коешто е над максимално дозволените вредности.

Покрај драстичните разлики во поглед на загадувањето на воздухот, податоците од месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во декември 2021 година имало почист воздух во Скопје во однос на идентичниот месец од 2020 година.

Просекот на ПМ 2.5 честички за декември 2021 година во Центар бил 30,2 микрограми на метар кубен, додека една година претходно просекот изнесувал 40,1 микрограми на метар кубен.

Во Карпош, среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички во воздухот во декември 2021 година изнесувале 15,9 микрограни на метар кубен, односно се за повеќе од двојно намалени во споредба со декември 2020 година, кога просекот бил 40,4 микрограми на метар кубен.

Во јануари 2022 година, среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички на мерната станица во Центар изнесувале 32,3 микрограми на метар кубен, додека во јануари 2021 година оваа вредност била 36,1 микрограми на метар кубен.

Мерната станица во Карпош, според месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање, во јануари 2022 година покажува просек од 14,8 микрограми на метар кубен, додека една година претходно, среднодневните концентрации на ПМ 2.5 честички биле дури 35,5 микрограми на метар кубен.

Во делот на ПМ 10 честичките, скопскиот воздух во декември 2021 година имал помал број на денови со надминување на максимално дозволените граници на сите мерни места во споредба со крајот на 2020 година. Наспроти ова, во јануари 2022 година се регистрирани поголем број на денови со надминување на дозволените гранични вредности на петте мерни станици во споредба со јануари 2021 година.

Кога ќе се споредат мерните станици, во текот на јануари 2022 година речиси и да немало разлики во однос на бројот на денови кога ПМ 10 честичките биле над максимално дозволената концентрација од 50 микрограми на метар кубен. Во Центар, Ректорат и Гази Баба се регистрирани 18 дена, во Карпош 20 дена, додека во Лисиче 21 ден од јануари 2022 година во воздухот имало присуство на ПМ 10 честички над дозволените гранични вредности.

Измерените вредности достапни преку Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека 12 дена од декември 2021 година имало надминување на дозволените 24-часовни гранични вредности на ПМ 10 честички во Карпош и Гази Баба. Воздухот бил загаден над дозволеното со ПМ 10 честички 15 дена од декември 2021 година на мерните станици во Центар и Ректорат, како и дури 17 дена во Лисиче.

Податоците ги споредивме и во делот на среднодневните концентрации на ПМ 10 честички во воздухот, при што просечните вредности за декември 2021 година ги споредивме за Гази Баба, додека за јануари 2022 година за мерната станица Лисиче.  Во декември 2021 година, просекот од среднодневните концентрации на ПМ 10 честички на мерната станица Гази Баба бил 55,4 микрограми на метар кубен, додека во текот на декември 2020 година просекот бил 53,8 микрограми на метар кубен.

И кај мерната станица Лисиче во јануари 2022 година е забележано зголемено присуство на ПМ 10 честички во воздухот. Па така, просекот од среднодневните концентрации на ПМ 10 честички на мерната станица во Лисиче во јануари годинава бил 82,9 микрограми на метар кубен, додека лани во јануари просекот изнесувал 74,3 микрограми на метар кубен.

Во однос на останатите загадувачки супстанци во скопскиот воздух, податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање за декември 2021 и јануари 2022 година покажуваат дека речиси секогаш тие биле во рамките на максимално дозволените граници. Ова се однесува на сулфур двооксидот, азот двооксидот и јаглерод моноксидот, кои биле мерени на петте локации во главниот град. Исклучок е мерната станица Ректорат во поглед на азотниот двооксид, при што во двата месеца во два наврати е регистрирано надминување на 1-часовната гранична вредност на неговото присуство во воздухот.

Инаку, Мета.мк веќе во неколку наврати пишуваше дека бројот на мерни станици што го следат квалитетот на воздухот во Скопје, но и во другите градови, е премал. Целиот северен дел од Скопје, вклучувајќи ги општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, немаат ниту една мерна станица што го мери аерозагадувањето во моментов. Граѓанските иницијативи и еколошките организации побараа значително зголемување на бројката на мерните станици, со цел граѓаните од разни делови на Скопје да имаат податоци за квалитетот на воздухот што го дишат.

meta.mk