Вести Македонија Ударни вести

ЗНМ: Безбедноста на новинарите и снимателите мора да биде гарантирана за време на протестите

Сподели:

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) јавно укажува на примери од проблематичен однос кон медиумски работници од страна на дел од припадниците на МВР како и на поединечни лица, дел од толпата, кои протестираа во текот на вчерашната ноќ пред Собранието.

Во момент додека службени лица вршеле лишување од слобода на лица кои претходно насилно се однесувале на јавниот простор пред Собранието, снимателот од телевизија 24 Вести сведочи дека кон него, најверојатно со рака замавнал припадник на МВР по што камерата паднала на земја и се оштетила. Снимателот на груб начин бил попречен во вршење на својата работа, токму заради ваквиот контакт од страна на припадник на МВР кон акредитиран медиумски работник кој бил на терен да пренесе дел од атмосферата од протестите на јавноста. Постапката на полицаецот била непотребна и е предизвикана материјална штета, но за среќа не бил повреден снимателот на телевизијата.

Полицијата треба да има кооперативен пристап, односно да соработува со новинарите и со репортерите на настани со висок ризик. При тоа не треба само да им посочи како да се заштитат, туку и да ги заштити и да обезбеди услови за непречено известување, што не е случај со погоре опишаниот настан.

Апелираме до МВР да укаже на припадниците кои се присутни да го обезбедуваат просторот и објектите на јавните институции каде се организираат протестите дека треба да пристапуваат кон присутните новинари и сниматели со поголема внимателност. Потребен е пристап кој ќе овозможи безбедно да ја вршат својата работа со цел да документираат и пренесат информации кои се од јавен интерес.

Освен ова, новинари се пожалија дека граѓани кои се присутни на протестите, кон поединечни претставници на медиуми имале недоличен однос и со заканувачки тонови се однесувале кон дел од медиумските работници. Потсетуваме дека присутните новинари кои професионално известуваат за настаните се во функција на задоволување на правото на информирање на јавноста. Следствено на тоа попречувањето на нивната работа поттикнува цензура во медиумите за што се одговара пред суд.

За крај, земајќи го предвид фактот дека протестите имаат насилен карактер истакнуваме дека известувањето од настани од висок ризик е специфично и подразбира поголема изложеност на физички и вербални напади кон новинарите, фоторепортерите и сниматели при извршување на нивните професионални задачи. Затоа, многу е важно уредниците на медиумите да имаат одговорност да праќаат на терен искусни медиумски работници со соодветна заштитна опрема со цел да не ги изложуваат вработените на дополнителен ризик.

Сподели: