Вести Македонија

ЗНМ се солидаризира со новинарите и медиумите во Турција

Сподели:

znm

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се приклучи кон иницијативата на Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) против бранот на напади врз слободата на медиумите и човекови права во Турција, соопштија денеска од ЗНМ.

Од здружението денеска, исто така упатиле писмо до турскиот амбасадор во Скопје, Умур Шелендир, во кое ЗНМ изразува длабока загриженост за масовното затворање на медиуми и апсење на новинари, кое се случува во Турција, по обидот за државен удар.

Во писмото, престедателот на ЗНМ, Насер Селмани ја повикува турската влада да се воздржи од нови напади на медиуми и новинари.

„Веруваме дека вонредната состојба не треба да се користи како изговор за чистка во медиумите, како и во другите делови на општеството. Цензура на медиумите заради критики насочени кон владината политика е незаконска, дури и во вонредна состојба“, се вели во писмото.

ЗНМ, и сите членки на МФН и ЕФН ги повикуваат турските власти да ги почитуваат меѓународните конвенции за човековите права, социјалните права и слободата на говорот.

„Ве охрабруваме да ја негувате културата каде во целост се почитува слободата на печатот“, се наведува во писмото на ЗНМ.

Од ЗНМ ги повикуваат колегите и граѓаните да се потпишат на петицијата за правата на новинарите во Турција, објавена на интернет-страницата на „Амнести интернешнл“.

Сподели: