“12:05”: Обединување на опозицијата и 1 ИЕ

Сподели:

Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ повикаа на вистинско обединување на целокупната прогресивна демократска опозиција, оценувајќи дека тоа е клучен услов за политички промени на Балканот. Нивната порака доаѓа по изборните случувања во Србија и Бугарија, кои, според нив, отвораат прашања и за политичките процеси во Македонија.

Од „12:05“ побараа воведување една изборна единица со отворени листи пред следните парламентарни избори, поголемо вклучување на студентите и младите во политиката и заштита на националните интереси во процесот на пристапување кон Европската Унија. Тие сметаат дека европската интеграција не треба да подразбира прифаќање национални отстапки без широка поддршка во македонското општество.

Во однос на Бугарија, организаторите ја критикуваа Илијана Јотова за нејзиниот однос кон случајот со Ива Михајлова и побараа таа да покаже политиќка мудрост и да иницира постапка за нејзина екстрадиција во Македонија. Истовремено, предупредија дека радикалните пораки во изборната кампања можат дополнително да ги влошат билатералните односи.

Повиците за обединување на опозицијата се присутни и во политичките настапи на СДСМ и на нејзини функционери, кои исто така се залагаат за заедничко дејствување на опозициските партии против актуелната власт. Така, прашањето за обединување на опозицијата повторно се наметнува како една од темите во домашниот политички живот.

Сподели: