Битиќи: Затворањето на родовиот јаз е клучно за одржливиот раст и развој на економијата

Сподели

 

Затворањето на родовиот јаз е клучно за одржливиот раст и развој на економијата, со неговото затворање ќе се искористи целосниот потенцијал за поттикнување на поразновидна и квалификувана работна сила, рече заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи имаше свое обраќање на Третиот годишен Самит на Национална платформа за женско претприемништво на тема “Жени во претприемништво – Клуч за зајакнување на економијата“, во организација на Здружението на бизнис жени во партнерство со Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Сојузот на стопански комори на Македонија.

 

 

„Поддршката и промовирањето на жените во бизнисот не само што придонесува за намалување на родовата нееднаквост, туку ќе ја подобри и  севкупната продуктивност и конкурентност на економијата. Бизнисите предводени и основани од жени даваат приоритет на социјалната одговорност, благосостојбата на вработените, на одржливите практики, со позитивно влијание врз развојот на целокупната корпоративна култура“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека во последните години Владата има направено многу за женското претприемништво, и додаде дека сите заедно мораме да продолжиме засилено да  правиме уште повеќе.

„Родово сензитивните политики не се работа на ексклузивност туку на фокус, а во фокусот е неискористениот потенцијал на жените. Додека се обидуваме да дојдеме до поголем пазар на труд, во нашата земја сѐ уште скоро половина од жените се надвор од пазарот на труд. Знам дека можеби некој ќе се обиде денеска по порталите и медиумите да ги изврти моите зборови, но тие мора да бидат кажани, затоа што се наша заедничка реалност, од која зависи нашата заедничка иднина“, рече Битиќи и изрази голема надеж за женското претприемништво, која не се базира на не поддржан оптимизам, туку на она што го сведочи и гледа, а тоа е жарот и отпорноста, упорноста и посветеноста, професионалноста и грижата кои креираат услови за развој,

„Затворањето на родовиот јаз е клучно за одржливиот раст и развој на економијата, со неговото затворање ќе се искористи целосниот потенцијал за поттикнување на поразновидна и квалификувана работна сила. Оваа инклузивност не само што ја промовира социјалната правда, туку и ја подобрува економската ефикасност и иновативноста. Зголеменото учество на жените во работната сила придонесува за поголема продуктивност и ја поттикнува конкурентноста на економијата. Постигнувањето на родовата еднаквост во економските активности не е само прашање на правичност, тоа е стратешки императив за поголема економска отпорност и просперитет. Женското претприемништво стратешки е опфатено со Националната развојна стратегија, со која градиме дваесетгодишна визија за просперитет на општеството, а во која целиме и кон создавање на системски амбиент за еднакви можности за мажите и жените за професионален развој и ослободување на целокупниот претприемачки потенцијал“, рече вицепремиерот Битиќи.

Битиќи, се осврна и на буџетот за 2024 година, кој во рамките на постојните расходи предвидува финансиска поддршка на приватниот сектор, насочена и во делот на унапредување на женското претприемништво.

„Овие средства имаат за цел да ги зајакнат малите и средни претпријатија, поттикнувајќи ја конкурентноста, иновациите, технолошкиот развој и истражувањето. Дополнителен фокус во рамките на овој буџет е на родово-одговорните буџетски политики. Посебно внимание е насочено кон финансиска поддршка прилагодена за женското претприемништво. Тука морам да додадам уште нешто а тоа е, дека нашиот фокус треба да го свртиме од формата кон содржината и да почнеме да гледаме какви бизниси отвораат жените, за какви бизниси тие се охрабрени и поддржани.  За што ни се потребни и родово сензитивни податоци со кои ќе имаме јасна слика за развојот кој го поттикнуваме“, заклучи Битиќи.