Валдера: Следен проект на кој што сум фокусиран е “Евровизија“

Сподели

Влатко Иљачев -Валдера е роден е во Богданци, има 32 години и моментално живее и работи како професионален музичар (пејач) во Скопје.

“Пеам од мал , веројатно бидејќи Тоше само што излезе во етер тогаш па ете така било пишано да ми биде тој главна инспирација кога бев дете од 8 години бидејќи имав шанса да пеам со него во Богданци на неговиот настап. На истата возраст настапив на првиот фестивал “Калинка“ во Гевгелија.

Свирев хармоника до 7мо одделение но после ја баталив откога видов дека кога пеам девојките повеќе сакаат муабет да ми прават. Мојот прв бенд го направив на 16 години во Гевгелија каде што одев средно гимназија и обично настапував по кафичите и баровите низ Гевгелија. На 17-18 години бев дел од музичкото шоу “Македонски Идол“. Потоа се запишав на Факултетот за музичка уметност отсек соло пеење (опера) и прв професор ми беше Горан Начевски. Потоа имав среќа во самиот факултет да се воведе популарни жанрови како отсек па бидејќи тоа е музиката што стварно ме привлекува се префрлив на тој отсек (соло пеење популарна музика)  кај професорката Александра Поповска а подоцна и кај Андријана Јаневска. Сепак главен учител по пеење во животот што сум го имал е Џејми Вендера , кој што ме научи вокална техника кога имав 17 години. Вокалната техника и правилното пеење отсекогаш биле моја страст , и до ден денес сеуште изучувам нови работи за да се подобрам како пејач.

За време на студиите ја претставував Македонија на интернационалниот фестивал “Сребрена Јантра“ каде што добив награда за најдобар настап.

По студиите се преселив во Америка каде што живеев во Лос Анџелес и се обидував да постигнам успех во музичката или филмската индустрија таму. Пишувам песни (досега околу 120 на три јазици), кантавтор сум и кога се вратив во Македонија го извадив мојот прв албум со наслов “Уживам“.

Албумот е доста уникатен по тоа што од 13 песни ,12 се целосно мои , со музика текст и аранжман. Албумот е издаден на USB-drive наместо на CD. Луѓето го купуваат мојот албум засега преку социјални медиуми , обично ќе ми пишат порака дека сакаат албум и им праќам на домашна адреса. Песните се вртат по радијата и тоа ме прави среќен бидејќи напорната работа конечно се исплати. Исто така ги организирам режирам и едитирам своите спотови. Засега извадив 4 спота , последниот е за нумерата “Биди Тука“ , мојот најнов сингл кој што го извадив после албумот. Пишувам за љубовта, за животот, за слободата. Пишувам песни нон стоп.

Соработувам со Cafe de Anatolia , најуспешниот македонски (а светски) бренд во областа на електронската музика и заедно со Никола Илиев (Nickarth) работиме на еден наш заеднички музички проект. Друга соработка која што допрва доаѓа е со Кирил Зарлинов (Ерик Фокс) , македонскиот DJ , заедно направивме една песна која што допрва излегува и се вика “Ми требаш ти“. Имам бенд , настапувам низ цела Македонија. Музички инспирации ми се : Michael Jackson , Prince , Freddie Mercury , David Coverdale , Steve Lee , додека од балканот Тоше , Владо Георгиев и Тони Цетински.

Од неодамна сум основач на музичка продукција со име “Вавилон“ и веќе почнав да работам продукција и за други македонски пејачи и артисти. Следен проект на кој што сум фокусиран е “Евровизија“.