Вести Македонија Ударни вести

17,8% вработени со формални договори за вработување, плата во плик

Сподели:

Во Македонија 17,8 проценти од работниците што имаат формален договор за вработување, добиле плата во плик во 2017 година, покажува истражувањето  „Плата во плик“ на „Фајненс тинк“.

„Платата во плик е најзастапена кај примателите на минимална плата. Дури 62 проценти од работниците осигурани на минимална плата, добиваат и плата во плик. Притоа, во просек, платата во плик изнесува речиси исто колку и формалната плата на сметка (91 процент). Ова укажува дека постојат сектори и занимања на кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор, остатокот од платата да се добива во готовина“, се вели во истражувањето.

Во метална, машинска, текстилна и прехранбена струка, 23,2 проценти од мајсторите примаат плата во плик, исто како и 21,5 проценти од работниците во услужните дејности. Таа плата е во просек една третина од нивната формална плата. Ваквиот наод е во линија со застапеноста на минималната плата кај овие занимања.

„Со платата во плик работодавците заштедуваат во износот на даноци и на социјални придонеси што го плаќаат на државата. За работниците, ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност“, се додава во истражувањето.

Сподели: