Вести Македонија Ударни вести

Измени на Законот за заштита од дискриминација

Сподели:

Проширување на основите за дискриминација, меѓудругото и со дискриминација по основ на сексуална ориентација, унапредување на работата на Комисијата за заштита од дискриминација, со цел поефикасно решавање на претставките, дефинирање на нејзините надлежности и кога тие се префрлаат на суд, има меѓудругото за цел новиот Предлог закон за заштита од дискриминација кој во драфт верзија беше презентиран денеска на јавна дебата.

– Досега најмногу реакции имаше во делот на потребата од проширување на основите, товарот на докажување, што прави комисијата, што судот, во дефиницијата на дискриминација, што се подобрува со овој закон. Со него се поедноставуваат и појаснуваат термини за полесно препознавање на дискриминацијата, бидејќи имаше проблеми во тој дел, истакна Маргарита Цаца Николовска, експерт и поранешен судија во Судот за човекови права во Стразбур.

Со ставот се согласува Антонио Михајлов од НВО „Субверзивен фронт“, кој посочи дека со овој закон се надминуваат некои недостатоци од постојниот.

– Во однос на заштита на ЛГБТ, особено во делот на еднаков третман и недискриминација, има зголемен број пријавени случаи, но и пријави дека тие не се решаваат. Постои и пораст на бројот на луѓе кои во однос на пријавување ги бираат основите на сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, согласно протоколот на Комисијата донесен во 2015 година. Новата власт испраќа повеќе позитивни сигнали за заштита на овие луѓе од дискриминација, а еден од чекорите се измените на овој закон, рече тој.

Мабера Камбери од Министерството за труд и социјална политика, покрај тоа што смета дека со измените ќе се надминат недореченостите, е убедена дека за заштита од дискриминација е потребна и целосна имплементација, но, како што рече, и зголемена јавната свест.

– Целосната имплементација на законите не значи и директна промена на нечии ставови кои се базирани на стереотипи и предрасуди. Затоа треба да се погрижиме сите како заедница, со давање личен пример во семејствата и пошироко опкружување и преку соодветен третман на дискриминацијата од страна на медиумите, како и преку образовниот систем, рече таа.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Џеф Голдстајн смета дека треба да се подобри професионализацијата на Комисијата, со стручна служба, да се работи меѓунационална соработка, но и на изработка на национална база на податоци во оваа област.

Сподели: