30 закани преку социјалните мрежи кон функционери, 6 кон Заев

Сподели

Министерството за внатрешни работи соопшти денеска дека неговиот Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во изминатиот период документирал и процесуирал 30 случаи во кои преку социјалните мрежи на носители на државни функции им била загрозена сигурноста или биле злоупотребени нивните лични податоци.

За сите случаи биле испратени известувања до Основното јавно обвинителство Скопје за да се прецизира дали станува збор за кривични дела што се гонат по службена должност.

„Како покарактеристични случаи се детектирани шест кривични дела за закани кон претседател на Владата на РМ, истите се документирани, со соодветни известувања до ОЈО и обезбедени Наредби до социјалната мрежа Фејсбук. Притоа од посочените шест кривични дела откриено е лице кое се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурност“ (казниво по член 144, став 3 а в.в. став 1 од КЗ на РМ), а се однесува на регистирана објава на еден македонски веб портал, по претходно објавена статија на социјалната мрежа Фејсбук, која што во вид на закана е упатена до претседателот на Владата на Македонија. Во случајот осомничениот за кривичното дело е откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа Фејсбук, како и со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет провајдер од Швајцарија. По целосно документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО“, се наведува во соопштението.

Министерството за внатрешни работи информира дека на ист начин постапува по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани.