360˚ Во поплава во СЈО уништени докази за случајот „Империја“

Сподели

Поплава во подрумските простории на Специјалното јавно обвинителство уништила и оштетила докази во истрагата „Империја“, објави „360 Степени“. Тоа е предметот во кој Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески и 10 други се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои измама и перење пари. Според доброупатени извори на 360 Степени поплавата се случила минатата недела. Случајно или не, веднаш по настанот, обвинителката што го води предметот „Империја“, Лиле Стефанова, отсуствуваше од работа.

360 Степени праша во СЈО:

1. Колку од доказните материјали во предметот „Империја“ се уништени во минатонеделната поплава во просториите на СЈО?

2. Дали е во тек истрага за да се утврди под какви околности се уништени доказите?

3. Дали неколкудневното отсуство од работа на обвинителката што го води предметот „Империја“, Лиле Стефанова, е поврзано со овие настани?

Од СЈО го потврдија настанот. Ова е одговорот на обвинителството, интегрално:

„Точно е дека поради дотраеност на севкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено СЈО, протече една од цевките на тој систем, пришто беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Притоа, треба да се има предвид дека во ова Јавно обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не биле ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување. Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета. Инаку, од страна на СЈО осигурени се како објектот, така и опремата“.

Со оглед на тоа што „Триста“ и „Шпион“ се во фаза на судење, шанса за неповратна штета има само кај „Империја“, кој е во фаза на истрага. А ова и не е прв преседан поврзан со овој предмет. Уште кога СЈО ја објави истрагата, на 9 ноември минатата година, обвинителството немаше вообичаена прес-конференција ниту пак ја следеше сопствената пракса да објави детали од кои може да се види кој за што се сомничи или каква е поврзаноста меѓу физичките и правните лица во предметот.

Петмина осомничени, меѓу кои Камчев и Мијалков, завршија во притвор, а за јавноста беше објавено соопштение со збирен преглед на кривичните дела и најава:

„Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела…“ – се вели во дел од соопштението на СЈО од 9.11.2018

Само месец и половина подоцна, на крајот на декември, СЈО се премисли и наместо дотогашниот затворски побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења.

„ Испитавме одредени лица и сведоци кои беа важни за потврдување на некои факти, врз основа на финансиските документи и сметаме дека во следниот период додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи … Така што присуството на осомничените во притворот не се потребни. Не можат веќе да влијаат самата истрага со влијание на некои сведоци или да го повторат делото.“ – изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за Канал 5 на 29.12.2018 г.

Но, наспроти овој став на Јанева од крајот на декември дека осомничените веќе не можат да влијаат на сведоци, во февруари СЈО излегува со сосема спротивна оценка:

„Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит уште на голем број сведоци, со оглед дека е опфатен голем временски период. Бројот на сведоците и соучесниците се зголемува ако се има предвид дека првичната наредба за спроведување на истрага е проширена… Обвинетиот … доколку биде пуштен да се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници.“ – се цитира СЈО во решението на Врховниот суд од 4.3.2019 г. под Вкж1.бр.13/2019.

Цитатот е од барање на СЈО за продолжување на мерката куќен притвор за Орце Камчев од 6 февруари, содржан во решението на Врховниот суд за жалбата на осомничениот да му биде укинат куќниот притвор. Камчев го доби тој случај и сега е на слобода. Тој и други осомничени во „Империја“ беа првите што се офајдија од начелното правно мислење на Врховниот суд од крајот на јануари, според кое СЈО не е овластен тужител во предметите за кои не е поднесено обвинение до 30 јуни 2017 година. А „Империја“ е токму таков предмет.

Но, не само минатото, туку и иднината на случајот „Империја“ е под знак прашање. Стручната јавност е поделена – дали и со новиот закон за јавното обвинителство, според кој СЈО се спојува со редовното обвинителство, ќе може да се продолжат предметите за кои немаше обвиненија до крајниот рок наведен во стариот закон за СЈО.

Професорот Гордан Калајџиев, кој и самиот беше дел од работните групи, вели дека „Империја“ и другите „нови“ предмети ќе мора да се прекинат. Во емисијата „Само вистина“ тој образложи зошто измените на законот не можат да влијаат на начелното правно мислење на Врховниот суд,

… Не можете вие проблемот со рокот да го решите со закон што ќе следува да речеме за месец дена. Бидејќи ако, еве пак ќе ја земам Империја за пример, ако имате денеска квалификација дека тие и не знам кои се други од тие постапки десетина, колку се, по истекот на рокот, дека се тие неовластени и незаконски… Ако постои правна пречка постапката сега треба веднаш да се запре. Не може после еден месец-два, со новиот закон, да се врати можноста да се гонат луѓе коишто денеска не можат да се гонат. На пример, јас сум обвините, има правна пречка, обвинителството коешто го презело предметот … Тука посебно е проблематично зошто СЈО презело предмети од редовно обвинителство во време кога тоа обвинителство е „нормализирано“. Значи, дојден е нов обвинител и слично. Зошто го презеле „Империја“ од обвинителството кое еве, застанува на нозе а имаат главоболки да си ги завршат нивните предмети што веќе ги имаат отворено? Да се факторизира? Да ги спаси овие со тоа што ќе ги отвори бидејќи нема право да ги … ? Не знам што да кажам. Голема авантура“, вели Калајџиев.

На спротивна позиција се академик Владо Камбовски, но и министерката за правда Рената Дескоска. Ги изложи своите аргументи во емисијата ВИН-ВИН.

„Ако овој закон што го предложивме воспоставува надлежност, и тоа изрично напишано, за Специјалното јавно обвинителство, за предмети коишто биле во фаза на истрага, за предмети кои е поднесено обвинение, за дела кои се во предистрага, зависно од надлежноста можат да паднат во организиран криминал или во СЈО, значи Врховниот суд не би смеел да помисли да отфрла бидејќи некој бил ненадлежен тужител. Значи, слушнав јас муабети дека во Врховниот суд може да си толкуваат поблаг закон, ретроактивно важење и слично. Тоа апсолутно не може да важи“, вели Дескоска.

– Ама вие сега ова го претставувате како да зборуваат некои во кафеана. Така зборуваат и правни експерти.

„Значи нивното толкување не води сметка за тоа што е пракса на Европскиот суд за човекови права. Значи, таму стои дека кога се повикувате на начело на поблаг закон или поригорозен закон, тоа не ви важи за процесните права. Или, за процесните закони. Тоа значи дека ако ви се смени одредено процесно право, дали е некој овластен тужител или не е процесно прашање. Ако се смени тој закон, тоа апсолутно нема основ толкувањето дали е ретроактивно или не“, вели Дескоска.

Сашо Мијалков е единствениот осомничен во „Империја“ кој во моментов е во притвор, но поради првостепената пресуда во друг предмет – „Титаник 2“. Сите останати се на слобода. И тие, и осомничените и обвинетите во другите „нови“ предмети, но и јавноста, се во исчекување на „политичките“ консултации за иднината на СЈО. Освен ако, во меѓувреме, настан како неодамнешната поплава во СЈО, не предизвика штета што може да биде и ненадоместлива.