Вести Македонија

„5 до 12“ на средба со министрите Дескоска и Таравари

Сподели:

Од страна на Министерството за образование и наука ќе бидат вклучени претставници на граѓанската иницијатива „5 до 12“ во работните групи, кои ќе се формираат за измена на законите за основно и средно образование, како и на Законот за учебници.

Ова се наведува во соопштението од МОН по денешната средба на министрите за образование и наука и за здравство, Рената Дескоска и Арбен Таравари со претставници на граѓанската иницијатива „5 до 12“.

Од МОН соопштуваат дека Дескоска ги информирала претставниците на граѓанската иницијатива „5 до 12“ дека во Стратегијата за образование 2017-2021, која е во подготовка, се предвидени низа активности за подобрување на можноста за образование на лицата со попреченост.

Еден од приоритетите на Министерството за здравство во претстојниот период, како што се наведува, ќе биде унапредување на здравствената заштита на лицата со попреченост, хендикеп и посебни потреби.

Двете страни констатирале дека се потребни редовни работни средби со цел решавање на дневните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост во Република Македонија.

Претставникот на граѓанската иницијатива „5 до 12“, Сузана Стојановска по средбата, изјави дека имале конструктивен состанок, се разгледале барањата, приоритетите и се издвоиле некои работи што треба веднаш да се направат, освен тие што го оптоваруваат буџетот. Таа посочи дека најболната точка e инклузијата во училиштата, околу програмата за децата, дефектолозите, изработување индивидуални планови, поголема контрола во училиштата на самата инклузија. За надоместокот до 26 години, истакна дека има ветување од министерката за труд и социјална политика и утре работна група ќе допрецизира некои работи.

 

 

Сподели: