8,8 милиони евра се предвидени за задржување на младите во државата

Сподели

Нова владина мерка, наречена младинска гаранција, најави денеска премиерот Зоран Заев на деловниот појадок со Сојузот на стопанските комори. Целта на оваа мерка, за која до крајот на годината се предвидени 8,8 милиони евра, е младите да останат во државата и да работат тука.

-Младинската гаранција значи во одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат. За бизнис-заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал – изјави Заев.

Тој побара помош од компаниите да обезбедат работни места за младите луѓе. Дел од средствата од оваа мерка ќе бидат пренасочени за универзитетите, за доедукација на младите, а најголемиот дел од нив се за бизнис-заедницата.

Премиерот истакна дека заминувањето на секој млад човек, Македонија ја чини околу 100.000 долари.