Вести Македонија

Академик Старова ќе биде одликуван со Орденот на Легијата на честа

Сподели:

Академик Луан Старова денеска и официјално ќе го добие Орденот на Легијата на честа. Орденот ќе му го врачи амбасадорот Кристијан Тимоние, во Резиденцијата на француската амбасада во Скопје.

Овие одликувања на Луан Старова му се доделуваат за неговиот голем придонес во развојот на француско-македонските односи, во периодот кога беше прв амбасадор на Република Македонија во Франција.

Старова предизвика посебно внимание во француската култура и книжевна јавност со почнување на објавување на неговата „балканска книжевна сага“ кај престижниот издавач „Фајар“ и која француската книжевна критика ја вброи во редот на големите европски романи, денес објавувана на дваесетина јазици во светот.

Луан Старова е член на Европската академија, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, член на Медитеранската академија од Неапол, почесен член на Албанската академија на науките, како и член на научното друштво „Лајбниц“ од Берлин.

Сподели: