Вести Свет

Меј: Нивото на опасност од тероризам останува критично

Британската премиерка Тереза Меј по состанокот за безбедност изјави дека нивото на опасност од тероризам во таа земја ќе остане „критично“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Британската премиерка појасни дека прогласениот степен „критично“ значи дека вооружените војници можат наместо полицијата да бидат распоредени на јавните настани како што се спортските натпревари.

Меј тоа го изјави пред заминувањето на самитот на лидерите на земјите-членки на НАТО во Брисел, каде што се очекува на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја изрази загриженоста поради објавувањето на разузнавачките информации во врска со самоубиствениот напад во Манчестер.

„На Трамп ќе му кажам дека разузнавачките податоци кои се разменуваат меѓу нашите агенции за спроведување на законот треба да останат заштитени“, изјави Меј.

Велика Британија третпат во последните 11 години го зголеми нивото на закана од терорзмот на „критично“.

Ова ниво на закана последен пат е воведено во 2007 година кога се појавија информации за можност од напад врз ноќен клуб во Лондон, а воведен е една година претходно по дојавата дека ќе биде извршен напад врз авион за време на трансатлантски лет.

Во терористичкиот напад изведен на 22 мај, пред завршувањето на концертот на поп ѕвездата Аријана Гранде во „Манчестер арената“ загинаа 22, а ранети беа повеќе од 70 лица од кои 23 во критична состојба. Полицијата соопшти дека во експлозијата смртно настрадал и напаѓачот Салман Абеди.

Полицијата во Манчестер ја продолжи истрагата и операциите ширум земјата. Соопшти дека се спроведуваат брзи и ефикасни претреси на голем број адреси, и дека досега се приведени вкупно седум лица.

Сподели: