Акција за миење и дезинфекција на сите контејнери во Скопје

Сподели

 

Во текот на вчерашната ноќ, ЈП Комунална хигиена-Скопје започна акција
за миење и дезинфекција на сите садови наменети за одлагање на отпадот
поставени на територијата на градот Скопје.

Активностите се реализираат со специјални комунални возила со
вап-надградба за миење под притисок. Екипите на ЈП Комунална
хигиена-Скопје спроведуваат и комплетно миење на џебовите на
микролокациите каде што се поставени садовите. Воедно, сите контејнери и
микролокации се дезинфицираат со употреба на специјално средство за
дезинфекција.

 

 

Активностите започнаа во општините Карпош и Ѓорче Петров, а ќе продолжат да се одвиваат во сите останати скопски општини во текот на престојните десетина дена.

ЈП Комунална хигиена-Скопје реализира и машинско миење на булеварите и
поголемите улици во сите скопски општини со автоцистерни според
стандардната динамика, утврдена со Оперативниот план за одржување на
јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје.

Машинското миење се одвива во доцните ноќни часови, кога фреквенцијата
на возила и пешаци на улиците е значително намалена, со цел да не се
попречува одвивањето на сообраќајот, односно движењето на пешаците.