Вести Македонија

Актуелни и бивши функционери на ВМРО-ДПМНЕ иницираат промени во партијата

Јавно обзнануваме почеток на една внатрепартиска иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, која има за цел да ја разбуди свеста кај нашите сопартијци за итна потреба од суштински статутарни реформи во нашата партија, реформи кои ќе ја демократизираат партијата на сите нивоа и ќе ја вратат назад на членовите – рече на денешната пресконференција Александар Михајловски, предводник на иницијативата за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

На пресконференцијата беше речено дека иницијативата произлегла од желбата на , како што рече Михајловски, илјадници членови на партијата, кои во изминатиот период , според него, ги носеле победите на ВМРО-ДПМНЕ, а не им била дадена можност да учествуваат во носењето на партиските одлуки.

-Согледувајќи ја актуелната состојба во која се најде нашата партија на целосна внатрешна и надворешна изолација, како резултат на недостатокот од внатрешен демократски капацитет, формиран е Републички штаб за внатрешна демократизација на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Михајловски.

За цел на делување, како што беше посочено , ќе биде измена на статутот, со што, како што беше изнесено на пресконференцијата, ќе се внесе демократски дух во партијата.

-Ние како долгогодишни членови, поранешни и сегашни државни функционери искрено веруваме дека решението на состојбите во партијата се наоѓаат во самата партија, и со ова сакаме да направиме структурално зајакнувае на ВМРО-ДПМНЕ , преку ставање на членовите на прво место како движечка сила на партијата – изјави Михајловски пред новинарите. 

Сподели: