Амбасадата на Бугарија во Скопје повикува да не се блокираат граничните премини

Сподели:

Амбасадата на Република Бугарија во Скопје повика да не се блокираат граничните премини помеѓу Бугарија и Македонија.

„Го поддржуваме правото на мирен граѓански протест како фундаментално право во секое вистински демократско општество. Во исто време, категорично бараме да не се предизвикуваат блокади на граничните премини или патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија“, повикува Бугарската Амбасада во Скопје.

„Интересот на нашата земја бара од нас да бидеме отворени кон нашите југозападни соседи, да ги предизвикаме да се запознаат со модерната бугарска култура, да ги поттикнеме контактите меѓу долго разделените семејства, да ја продлабочиме економската соработка и трговијата. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само на овој начин ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и кои се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа. Изразувањето на незадоволството и загриженоста на бугарското општество за она што се случува во Скопјe треба да има конструктивен и европски карактер“.

Амбасадата, исто така, испраќа порака до одредени медиуми и јавни личности во Северна Македонија, нарекувајќи ја квалификацијата на бугарските организации како „анти-македонски“ поради различните проценки на билатералните односи и политиките на властите во Скопјe „неоснована и непродуктивна“.

Според дипломатската мисија, плурализмот е суштинска карактеристика на демократијата и нејзината манифестација „не е насочена „против“ никого“, туку има за цел да промовира јавен дијалог и да создаде услови за подобро разбирање меѓу двете земји.

Сподели: