Аналитичарите децидни: Претседателот мора да биде татко на нацијата, а не дете на партијата

Сподели

Македонија е во исчекување на шестите по ред претседателски избори од осамостојувањето досега. Додека јавноста ги очекува кандидатурите за шеф на државата, веќе се шпекулира за повеќе можни кандидати од редовите на владејачката СДСМ, а и министерот за надворешни работи Никола Димитров не ја исклучи можноста за кандидатура.

Од СДСМ во политичките кругови како можни кандидати се споменуваат Рамила Шеќеринска и Стево Пендаровски. Од опозицијата, Влатко Ѓорчев најави дека од матичната партија ќе бара поддршка за номинација во претседателската трка.

Со ваков распоред на силите, според експертите, гласачите повторно ќе се соочат со избор на  партиски делегирани личности, анализира „Порталб“.

Претседателот на државата да заборави на партискиот „дрес“

Со кандидати кои со својот кредибилитет и авторитет ќе добијат поддршка од граѓаните, а не од партиските раководства, Македонија ќе успее да се одлепи од етикетата на претседателски избори со партиска боја, коментираат експерти  за „Порталб“ во пресрет на априлските избори.

– Само кога ќе имаме кандидати кои нема да бидат заробеници и заложници на партиските раководства, само кога партиските членови и граѓаните широко ќе ги отворат очите и ќе го надминат партискиот егоизам и партиската директива и по своја волја и убедување ќе гласаат за тој кандидат, за кој сметаат дека најдобро ќе ја извршува функција, ќе ја претставува државата и ќе биде татко на нацијата во вистинска смисла на зборот, тогаш ќе добиеме претседател кој ќе црпи легитмитет и легалитет од народот. Односно, кога и во вториот круг на избори ќе престане партиското тормозење, насилие и терор над граѓаните по секоја цена да гласаат за нивниот кандидат, кога нема да има полнење на кутии како што имаше на консултативниот референдум. И на крајот, она што е најважно за да се зајакне неговиот легитимитет и легалитет, по неговиот избор тој мора потполно да се деполитизира и да не ги слуша и да подлегнува на налозите и наредбите кои ќе доаѓаат од партиите кои го предложиле и поддржале, туку да постапува исклучиво по Устав и по закон – вели професорот Јове Кекеновски.

Точно е дека сите досегашни претседатели биле оспорени по партиска или етничка основа. Секој што сака да застане на чело на државата, веднаш по давањето на свечената изјава за преземање на функцијата, мора да заборави на партиската боја, вели професорот Темелко Ристески.

-Тој не смее да фаворизира одредена политичка партија, односно групација на граѓани според нивното политичко уверување, затоа што граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од нивното политичко уверување, националност, општествена положба итн. Тој мора своите права и должности да ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (чл. 79, став 3). Секое фаворизирање на граѓаните врз основа на политичка, етничка или друга припадност претставува кршење на Уставот и законите. Како татко на нацијата тој треба да балансира во односите меѓу политичките партии – вели професорот Ристески.

Тој предупредува дека партиското поклоништво може да предизвика големи проблеми на претседателот како врховен командант на вооружените сили.

– Според вториот став од истиов член, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Републиката. Во состав на вооружените сили има граѓани со различни политички уверувања, од различна етничка припадност итн. Ако претседателот при командувањето со вооружените сили постапува според ставовите на политичката партија или групација која го подржала при изборите, ќе се доведе во ситуација на одбивање на послушност. Се разбира дека во таков случај врховното командување ќе биде неефикасно – вели професорот.

Потребно ли е да зајакне уставната позиција на претседателот?

За успешни претседателски избори потребен е цензус од 40 отсто, или на претстојните претседателски избори треба да излезат околу 720.000 гласачи. Според политичките аналитичари, првиот изборен круг не се очекува да биде проблематичен од аспект на цензусот, но дилемите се за вториот изборен круг, кога во услови на поларизиран политички амбиент, разочарани гласачи и од власта и од опозицијата, може да случи „тивка“ гласачка апстиненција. Токму поради ова во јавноста веќе се шпекулира и за можноста за промена на моделот на спроведување на претседателските избори, односно моделот на избор на нов шеф на државата.

-Таквата заложба не враќа назад на почетокот, кога претседателот се избираше во Собранието. Јас не се согласувам со таквиот начин на избор на првиот човек на државата, бидејќи тој дефинитивно ќе биде само церомонијална личност без никакво влијание, а целокупната власта ќе биде во рацете на премиерот. Напротив, се залагам да се зајакне уставна позиција на претседателот, за да може тој да биде вистински коректор и баланс наспроти овластувањата на владата и законодавната власт на парламентот, односно трансформирање на параламентарно-претседателскиот систем во полупретседателски (мешовит) политички систем – вели Кекеновски.

Други аналитичари пак сметаат дека со сегашниот изборен модел за претседателски избори потребен е висок цензус и големо гласачко тело кое одлучува за функција која нема големи ингеренции.

Освен што претседателот воедно е и врховен командант на вооружените сили на Македонија, тој според уставните и законските надлежности, меѓу другото, го определува мандаторот за состав на влада, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите; ги прима акредитивните и отповикувачките писма на странските дипломатски претставници, предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет, именува тројца членови на Советот за безбедност, дава помилувања во согласност со закон, потпишува Указ за прогласување на закон. Во извршување на сите овие фунции, претседателот мора да пристапи од позиција на Татко на нацијата, штитејќи ги интересите на државата, а не на партиските центри – вели професорот Ристески.

Претседателот на државата се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. Досега Македонија немала жена на претседателската позиција.