Ангелоски за “Политика”: “Отворен Балкан” е можност за економски раст на регионот

Сподели

 

„Отворен Балкан“ е идеја која ќе заживее бидејќи ги поврзува претпријатијата од нашите земји, а особено ќе придонесе за унапредување на соработката во туристичкиот сектор како еден од најпогодените во кризата, вели во  интервју за српскиот весник „Политика“ претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

 

 

„Не е логично да имаме одлична економска соработка со некои земји од Западна и Средна Европа, а да нашите производители се непознати за соседите, со кои сме близу и имаме минимални трошоци за транспорт. Нашите стопанства се комплементарни и се надополнуваат. Затоа мора да бидеме рационални и прагматични, да ги оставиме предрасудите и да гледаме на економската соработка која може да ни донесе подобро утре“, вели Ангелоски.

Тој ја истакнува потребата владите во Србија, Северна Македонија и Албанија да отворат зелени коридори и за патниот сообраќај не само за товарниот, како и да се забрзаат бирократските процедури, бидејќи како што вели “немаме повеќе време за губење, многу потрошивме до сега“.

“Бариерите кои постојат негативно влијаат на деловната активност на малите и средни претпријатија. „Отворен Балкан“ би требало за овозможи поттикнување на создавањето на услови за овие претпријатија да можат  да соработуваат без потешкотии со соседните земји и на тој начин да им се овозможи долгорочен развој“, вели Ангелоски, кој потенцира дека постои голем потенцијал во заеднички настап на странски пазари во услужните дејности, бидејќи иако сме поединечно мали за глобалниот пазар, заедничкиот настап креира поголеми можности.

Осврнувајќи се на кризата во Украина, Ангелоски вели дека таа нас нè промовира како безбеден регион и дека во таа насока треба да се преставиме во подобро светло, да ја поправиме инфраструктурата и да станеме подостапни за странците надвор од нашиот регион, да нè запознаат подобро и да создадеме квалитетни услови за живот, работа и за економска активности.