Анкета: Граѓаните и натаму се многу незадоволни од јавната администрација

Сподели

Дури 44,4% испитаници во новата анкета на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и на „ЕвроТинк“ – Центар за европски стратегии, како лоша ја оцениле работата на јавната администрација во земјава. Ова беше соопштено на денешната презентација на истражувањето на ставот на граѓаните за работата на административците.

Од анкетатата спроведена преку телефон во периодот 16 февруари – 7 март годинава со примерок од 1.202 испитаници (со маргина на грешка од +/-2,83%), се гледа и дека високообразованите, жителите на Скопскиот регион, како и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, имаат најнегативен став кон работата на јавната администрација.

Како добра, пак, работата на јавната администрација ја оцениле само 16,4% од испитаниците. Погледнато по групи, највисоко мислење за јавната администација имаат симпатизерите на СДСМ и ДУИ, како и лицата со основно образование.

Полошо мислење за администрацијата имаат лицата кои економски лошо живеат.

Во поглед на сектори, граѓаните се најнезадоволни од услугите на локалните власти, односно општините, и како и од справувањето на полицијата со криминалот и од државното здравство. Најдобри оценки добило МВР во делот на патните и личните исправи и Сообраќајната полиција.

Генерално, кога станува збор за транспарентноста, брзината и квалитетот на услугите на јавната администрација, граѓаните главно сметаат дека проблем се неквалитетниот кадар, бавноста при давањето на услугите, нетранспарентноста и непрофесионалноста. Тоа се сведува на шетање по шалтери и тешко осознавање на постапките, како и непрофесионален однос и неуслужливост.