ИЛИ-ИЛИ: Промоција на “Арно ама” од Калина Малеска, во театар “Сенки и облаци”

Сподели

Утре во 19 часот, во театарот „Сенки и облаци“ во Дебар маало во Скопје, ќе се одржи промоцијата на првата книга за деца во издание на ИЛИ-ИЛИ, „Арно ама“ од Калина Малеска.

 

 

На оваа несекојдневна промоција, освен претставувањето на книгата од страна на промоторката Оливера Ќорвезироска и секако, обраќањето на авторката Калина Малеска, екипата на детскиот театар низ сенки ќе одигра претстава според еден од расказите во книгата. По тој повод, од театарот „Сенки и облаци“ велат:

„Случките на Дамјан, Марко, Илина и Огнен како по жица се движат помеѓу реалноста и еден друг детски, но толку вистински и истовремено волшебен свет а тоа беше повеќе од доволна причина да ја затвориме книгата (откако ја распарталивме од читање) и да ги отвориме вратите на нашиот и ваш Театар „Сенки и облаци”, и на промоцијата, со помош на магијата на сенките, ќе одиграме претстава работена според еден од расказите во „Арно ама”.

Инаку, „Арно ама” е збирка раскази во кои протагонистите се две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Иако секој расказ е завршена целина, сепак, со оглед на тоа дека дејството се одвива хронолошки во текот на една година, книгата истовремено може да се чита и како роман.

Специфичноста на овие раскази се нивните впечатливи ликови кои не се идеализирани, туку имаат карактеристики на реалните деца – се радуваат, љубопитни се, но некогаш и се нервираат, се лутат, се караат. Делото третира прашања и проблеми со кои денешните деца навистина се соочуваат, како: убави но и стресни доживувања во градинките и училиштата, насилници во маалото, изгубени играчки и книги, префрлување во ново училиште и нова средина при селење, изнаоѓање пријатели, комуникација со дечиња од други националности, негрижа на некои луѓе за животната средина, ривалство меѓу братчиња и сестрички, осаменост и слично. Таквите проблемите со кои се соочуваат децата се прикажани низ реалистично раскажување, што повремено е испреплетено и со фантастични елементи, особено кога доминира детската имагинација.

Особено интересни се заплетите во секој расказ, кои се најавуваат со зборовите „арно ама“ – при што вообичеаната секојдневна ситуација, како резултат на одредени околности, се усложнува, по што ликовите се обидуваат да изнајдат начини за да ги решат произлезените проблеми.

Впечатлив белег на оваа книга даваат заводливите и луцидни илустрации на Владимир Лукаш, кoи ги оживуваат предметите и суштествата. Нивните впечатливи бои и форми ги разубавуваат расказите, а дополнителна радост и исчекување кај читателите создава секое следно „арно ама“ насликано различно од претходното. Зачнати од мотивите во расказите, илустрациите се ослободуваат од реалноста и ги пресоздаваат познатите работи во препознатливи но сосема нови облици, како да се трансформирале поминувајќи низ светот на некој сон.

Ова е првата книга за деца на Малеска, која досега ги има објавено збирките раскази “Недоразбирања”, “Именување на инсектот” и “Мојот непријател Итар Пејо”, романите “Бруно и боите” и “Призраци со срмени нишки”, како и драмата “Случка меѓу настани”.

Издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ