Вести Македонија Ударни вести

Антикорупциска на одмор: Ако не смее да има смени, може ли да има интерпелации?

Сподели:

ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да ја прекине расправата и постапката за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски сè додека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не се изјасни дали тоа е според законот. Но, до тоа тешко може да дојде во следниве денови бидејќи членовите на комисијата се на колективен одмор, вели за „Мета“ лицето одговорно за односи со јавноста во Антикорупциска, од каде не можеа да кажат до кога ќе им трае одморот.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија во вторникот поднесоа барање за мислење до Комисијата за спречување на корупцијата, велејќи дека сообраниската седница почната на 5 јули сè уште е во тек, што е во спротивност со член 8-а од Изборниот законик. Според тој член, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори не може да се почне со постапка за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и во јавни институции, а воедно почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците велат дека точката за разрешување на Зврлевски не е „итна и неодложна“.

Иако во барањето до Комисијата за спречување на корупцијата наведуваат прекршување на членот 8-а од Изборниот законик за Зврлевски, тие во меѓувреме поднесоа барања за интерпелација на тројца министри. Интерпелацијата, исто така, подразбира смена, односно разрешување министер и назначување нов.

Координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на прашањето дали не е контрадикторно да се тврди дека Зврлевски не може да биде сменет сега, а во исто време да се поднесуваат интерпелации, кусо ни одговори: „Интерпелацијата е уставна категорија“.

meta.mk

Сподели: