Денешната расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е можност Собранието да се соочи со катастрофалните резултати од неговото раководење со МВР. Наместо професионална, ефикасна и непристрасна институција која ќе ги штити граѓаните и ќе се бори против криминалот, МВР под водство на Тошковски се претвори во партиски инструмент кој селективно ја спроведува правдата и ги штити блиските до власта или познатото „ВМРО – МВРО“ од прислушуваните разговори, реагираат од Левица.
Во изминатиот период јавноста беше сведок на бројни случаи на непостапување, одолговлекување и опструкции во предмети поврзани со организиран криминал, корупција и злоупотреба на јавни средства. Наместо бескомпромисна борба против криминалот, МВР ги затвора очите пред скандалите и ги игнорира случаите кои допираат до центрите на политичка моќ.
Особено загрижува фактот што МВР покажува двојни стандарди во постапувањето, реагира строго кон едни граѓани, а толерантно кон други, зависно од нивната политичка или друга припадност. Таквото селективно спроведување на законите директно ја поткопува довербата во институциите и го руши принципот на еднаквост пред законот.
Дополнително, бројните случаи на семејно насилство, фемицид, врсничко насилство и говор на омраза покажуваат сериозни системски слабости во работењето на полицијата и неспособност на раководството на Министерството навремено да ги заштити граѓаните.
Тошковски не ја оправда довербата што му е дадена да раководи со еден од најважните државни ресори. Поради наталожените скандали, институционалните пропусти и нарушувањето на принципите на законитост и еднаквост, неговата политичка одговорност е неминовна, велат од Левица.
„Во СВР Велес првите братучеди си ги унапредивте. Баџанакот ви стана доцент на Факултетот за безбедност, а најдобрите студенти остануваат без шанса. После се чудите зошто младите бегаат од државата. По најголемата трагедија во Македонија во последните децении не видовме ниту оставка, ниту преземање одговорност. Цело време слушавме дека МВР не било виновно, а денес имаме осудени полицајци поврзани со случајот. Имаме над 12.000 вработени во МВР, а училиштата, градинките, болниците, музеите и државните институции ги чуваат приватни агенции!? Над 300 милиони ЕУР завршиле кај агенции за приватното обезбедување, додека полицајците работат со излитени унифирми, недоволна опрема и ресурси. За едни има притвори и експресни постапки, за други нема никаква реакција!? Тоа не е владеење на правото, туку партизација на институциите“, изјави Димитар Апасиев во собранието по однос на Интерпелацијата на Министерот за внатрешни работи Панче Тошковки поднесена од пратеничката група на Левица.


