Вести Македонија Ударни вести

Апелација денеска ќе одржи јавни седници за жалбите на притворените за 27 април

Сподели:

Апелацискиот суд за денеска ги закажа јавните сендици на кои ќе се разгледуваат жалбите на дел од притворените за насилствата во Собранието од 27. април, минатата година.

Првата седница, како што информираат од Апелација, е закажана во 14 часот, откако второстепениот суд вчера ги добил одговорите на жалбите од Вишото јавно обвинителство.

Јавни седници за разгледување на жалбите побараа актерот Владо Јовановски, поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски од шестата управа и Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.

Според информации од Апелацискиот суд поднесени се вкупно 16 жалби за продолжувањето на притворот на осомнилчените за 27 април.

Кривичниот суд во Скопје на предлог на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 27 декември 2017 година им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието.

Куќниот притвор им е продолжен на пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и на уште еден осомничен, додека за С.М. и М.М. судот го прифати предлогот на обвинителството за укинување на притворот и определување куќен притвор.

meta.mk

Сподели: