Вести Македонија Ударни вести

Апелција го потврди притворот за уште седуммина осомничени за „крвавиот четврток“

Сподели:

Нема промена во одлуките на Апелациониот суд, одбиени се жалбите на притворените за 27 април. Во притвор остануваат пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов. За жалбата на пратеникот Крсто Мукоски, сè уште се чека одговор од Вишото јавно обвинителство, дали се согласува со барањето на одбраната тој да биде пуштен од притвор, пренесува 24Вести. 

Апелација ја потврди одлуката и за пратеникот Јохан Тарчулоски кој месец и половина е во куќен притвор. Покрај Тарчуловски, куќниот притвор им беше продолжен и на пратениците Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска. Димовски поднел жалба на одлуката, но таа сè уште не стигнала до Апелација, жалбата на Пешевска пак е пристигната и таа е пратена на одговор во Вишто јавно обвинителство.

Според денешната одлука на Апелација, во притвор остануваат и Елена Доцевска која беше вработена во собраниските служби, Абдулфетах Алими од собраниското обезбедување, Иван Цветановски и Јане Ченто.

Уште еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, режисерот Борис Дамовски поднел жалба до Апелација, а барал и јавна седница на која судиите ќе разгледуваат дали тој ќе биде пуштен од притвор.

Со последните одлуки, апелациониот суд потврди 18 решенија на Кривичниот суд кој им го продолжи притворот на осомничените за уште 30 дена. Минатата недела по неколку одржани јавни седници Апелација ги одби како неосновани жалбите и на поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков, организаторите на протестите Дурловски, Јовановски и Илиевски, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање како и на други осомничени за насилствата во Собранието од 27 април. Сите се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Сподели: