Стратегија за реформа за јавната администрација

Сподели

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше јавна расправа за Стратегијата за реформа во јавната администрација 2018-2022 и Акцискиот план.

„За првпат имаме документ во кои се предвидени индикатори за зацртаните мерки во Стратегијата и буџет. На овој начин ќе го избегнеме ризикот реформата во јавната администрација да биде само уште еден документ на хартија. Во рамки на процесот формиравме и Совет за реформа на јавната администрација, со што раководи премерот Зоран Заев, а има за цел да го следи процесот на имплементација од едно централизирано место“, истакна министерот Манчевски.

„Координација на процесот на реформа на јавната администрација, взаемна поврзаност и усогласеност на стратешките од областа на реформата на јавната администрација, кохерентно планирање на реформата на јавната администрација, буџетот и процесот на евро-интеграција, следење на спроведувањето на Акцискиот план на Стратегијата, приоретизација на клучните чекори во процесот на реформа на јавната администрација, разгледување на ефектите од спроведените реформски активности во различните сектори од јавниот сектор, кои се одразуваат врз јавната администрација и насочување на понатамошните циклуси на планирање на реформата на јавната администрација се дел од улогата на Советот“, информираше министерот Манчевски.

Координаторите на работните групи се осврнаа на затекната состојба, на мерките и активностите предвидени за надминување на предизвиците и очекуваните резултати.

„Унапредувањето на процесот и капацитетите за креирање на политики и координација преставува континуирана заложба на Владата и тоа во насока на воведување на предвидливи и одржливи политики во интерес на граѓаните. Правната рамка за стратешко планирање, креирање и координација на политики е дефинирана и истата опфаќа хармонизирана законска и подзаконска регулатива преку која се обезбедуваат ефикасни механизми и процедури за спроведување и следење на процесот, со соодветно утврдена надлежност. Механизмите за координација на процесот за планирање и креирање на политики, како и подготовка на закони се воспоставени преку надлежностите на Генералниот секретаријат на ВРМ, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација кое врши координација на процесот, Секретаријатот за европски прашања и Секретаријатот за законодавство“, се предвидува во првата приоритетна област за креирање политики и координација.

„Деполитизација на администрацијата, преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и соодветна и правична застапеност и професионализација на високите раководни позиции, дефиниран и регулиран унифициран и кохерентен систем на плати за вработени во јавниот сектор и воспоставен систем за професионален развој на службениците, спроведуван од Академијата за стручно усовршување на административни службеници се целите предвидени во областа јавна служба и управување со човечки ресурси “, истакна Билјана Жагар, координатор на работната група.