Арбен Фетаи: Поднесов оставка. Имав чест да ѝ служам на државата

Сподели:

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи и официјално поднесе оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење, во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.

Одлуката за овој чин Фетаи ја објави на неговиот ФБ профил.

„Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото – мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да.

Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор. Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро“, напиша Фетаи.

Оставката на Фетаи ќе биде констатирана на првата следна владина седница, изјави Портпаролката на Владата, Марија Митева.

Сподели: