На археолошкиот локалитет Пеленица кај Драчево е откриен доцноантички полихромен мозаик, со што по речиси 90 години се потврдени сознанијата за неговото постоење.
Во текот на истражувањата, што ги спроведува Националниот археолошки музеј, пронајдени се и керамички материјал и монета од истиот период.

Проектот е финансиски поддржан од Општина Кисела Вода, во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје и црквата „Св. Спас“ во Драчево. Истражувањата ќе продолжат со геофизички испитувања во дворот на манастирскиот комплекс, а од наредната година се планирани и конзерваторски активности. Конечните резултати треба да дадат повеќе информации за големината на мозаикот и за архитектонскиот комплекс на кој му припаѓал.


