Вести Македонија

Авансот за поплавата, банките не можат да го користат за наплата на стари сметки и долгови

Сподели:

14018120_10208471235931639_1381860913_n-860x680

Семејствата во поплавените подрачја на социјалните мрежи тврдат дека добиле помала сума од 30.000 денари авансно исплатена парична помош, бидејќи тие пари банките им ги искористиле оти имале блокирани сметки за неплатени сметки или рати од кредит.

Иако тие тврдат дека дел од парите од помошта за поплавите најпрво отишле за намирување на долговите, од банките со кои контактираше „Мета“, но и од Министерство за финансии велат дека тоа не е можно.

Неофицијално, банките не смеат да земаат дел од овие средства бидејќи Министерството за финансии потпишало посебен договор – протокол во врска со исплатата на авансната помош за поплавените граѓани.

– За лицата на кои им се блокирани сметките имаме посебна методологија за исплата во согласност со Законот за платен промет. Се користат посебни наменски средства, така што помошта ќе стигне и до нив – вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Банките со кои контактиравме нè информираа дека овие средства не можат да бидат повлечени од трансакциска сметка за исплата на долг, бидејќи исплатата на авансната помош се вршела готовински.

– Исплатата на авансната помош за граѓаните од поплавените подрачја во банките се врши готовински, по претходно добиен список од Министерство за финансии и со лична идентификација на пријавените граѓани. Ваквиот начин на исплата е договорен за да се избегне повлекување на тие средства на блокираните сметки кои ги имаат дел од тие граѓани. Потоа граѓаните, ако сакаат, може да си ги стават парите на трансакциска сметка – изјави директорот за платни системи на НЛБ Банка, Игор Давчевски, за „Мета.“

Тој додаде дека банките потпишале договор со Министерство за финансии во однос на тоа како ќе се одвива исплатата на авансната отштета во овој период.

Од Министерството за финансии ги известија граѓаните дека за да им бидат уплатени средствата треба да го наведат името и презимето и банката во која сакаат да им бидат уплатени средствата.

Сподели: