АПОКАЛИПСА – БОРЧЕ ПАНОВ

Сподели
12742297_10208796327044120_4784306522752788546_n
Чекаме ли да ни се јават скриените часовници,
ги замислуваме ли клучевите
со кои ќе излеземе надвор од времето
Доволно ли е со показалецот да си го напипаме пулсот,
станува ли ноќта темно тело на нашето срце,
ни се осветлува ли несоницата од утрото,
ни цвркотат ли мислите со птиците
наредени како ноти во архитектурата на шумата
Со каква ли пропорција ни расте притисокот
врз ѕидовите на крвните жили,
ако однадвор, од работ со вселената до земјата,
на само еден квадратен сантиметар
секој миг не` притиска по еден килограм воздух
Ќе ни побегнат ли собите од куќите
и по улиците во паника градовите,
ќе ни побегне ли воздухот од ова време
и реките и реата од лешот на сувите корита
Ќе биде ли Бог темен на крајот од небото
како ѕвездена амеба што ни го собира умот
милиони години од почетокот на сонувањата
Ќе го облечеме ли одраното сонце
со морзеовите писма на ролетните,
и последната молитвa како змиска кошула
од која се извлекол рептилот на апокалипсата
Станува ли ноќта бескрајно тело на нашите срца,
ќе ни се осветли ли несоницата од утрото,
ќе ни цвркотат ли мислите со птиците
наредени како ноти во архитектурата на шумата