Вести Македонија Ударни вести

АВМУ: Последните измени на Законот за медиуми беа донесени на крајно нетранспарентен начин

Сподели:

Последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа донесени на крајно нетранспарентен начин, во процес којшто не беше инклузивен и тоа пред самото донесување на Одлуката за распуштање на Собранието и на Решението за распишување на Предвремените парламентарни избори за пратеници.

Ваквиот начин на носење на законски измени е крајно разочарувачки и несоодветен, велат од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за „Мета.мк“ по најавата дека операторите ќе прекинат со реемитување на домашните и странски канали.

„Одредбите со кои што на операторите им се наметнаа дополнителни обврски при реемитување странски програмски сервиси, се спротивни на основните принципи на европската медиумска политика и регулатива.Со оглед на тоа што нашата држава е земја кандидат за членство во Европската унија, треба да се гарантира слободата на прием и реемитување на програмски сервиси од државите членки на Европската унија и другите европски држави потписнички на Европската конвенција за прекугранична телевизија на Советот на Европа.Бидејќи законските одредби се стапени на сила, на Агенцијата не и преостанува ништо друго освен да ги имплементира,“ велат од АВМУ.

Од овие причини, од таму велат дека отпочнале со подготовка на релевантните подзаконски акти коишто е предвидено во петок, 28 февруари, во нацрт верзија да бидат доставени до Советот на Агенцијата, по што  сите засегнати страни во рок од 35 дена ќе имаат можност да дадат свои предлози и забелешки.

„Сето ова се поклопува со веќе започнатиот изборниот процес и мониторинг на медиумите од страна на Агенцијата. Наместо својот фокус и ресурси целосно да ги насочи кон квалитетно извршување на обврските кои произлегуваат од Изборниот законик, регулаторот е принуден дел од своите ресурси да ги пренасочи за изнаоѓање начини за спроведување на овие законски одредби, кои не само што се донесени во последен момент туку можат да го загрозат и самиот изборен процес,“ велат од Агенцијата.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски апелираше на разум и повика на дијалог со кабелските оператори. Од Здружението на Информатичко комуникациските технологии вратија дека се подготвени на дијалог со сите засегнати страни.

Сподели: