Азески побара одговорност од Владата

Сподели

 

Седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, со која заседава претседателот Бранко Азески и на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) раководена од проф. д-р Кочо Анѓушев.

 

 

Бранко Азески побара конечно да има одговорност од Владата и најави дека една од можностите што им стои на располагање на компаниите, е по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.

Одговорност, како што кажа, треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) заради издавањето на лиценци за трговија со електрична енергија на фирмите со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите.

Присутните стопанственици укажаа дека РКЕ треба да ја намали и маржата што се наплаќа за пренос на електрична енергија.

Најголем дел од компаниите укажуваат дека ќе им се намали обемот на работа ако и годинава има криза која ќе им ги зголеми трошоците за електрична енергија, а дел дури и не би можеле да функционираат воопшто. Укажуваат и на намалување на конкурентноста во споредба со регионот, бидејќи во регионот има субвенционирана цена на електричната енергија за стопанството.

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев посочи дека сега се сменети околностите во споредба со 2022 година и дека веќе не е најевтино домашното производство на електрична енергија. Сега, потецира тој, потребно е да се направи спецификација на трошоците на енергетскиот сектор за производство на електрична енергија и согласно економската логика да се утврди дели е поевтино да се произведува струја или да се набави од увоз.

Потребно е, како што кажа, да има и дисперзија на обновливите извори на електрична енергија и да не се форсираат само фотоволтаиците, туку и ветерните електрани, електраните на биогас, малите хидроцентрали,… Според него, неопходно е да се изгради и реверзибилната хидроцентрала Чебрен која ќе купува електрична енергија во периодите од денот кога ќе биде поевтина за да го полни горното езеро, а ќе произведува струја од долното езеро кога ќе биде поскапа на берзите.

На државата и препорача да ја почитува Стратегијата за енергетика и да го сертифицира Министерството за економија за да може да издава зелени сертификати. Препорача и сите државни компании да мора да набавуваат електрична енергија преку берзата на електрична енергија што од мај ќе ја стартува МЕМО, а таму струја да набавува и универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Само на тој начин, како што истакна, берзата ќе биде ликвидна.