Бавно оди враќањето на бегалците од Грција во Турција

Сподели

grcija-begalci-brod

Жестока кавга изби меѓу жителите и градоначалникот на островот Лезбос поради бегалската ситуација на островот. Жителите на селото Морија, во кое се наоѓа мигрантскиот центар, гневни на сè почестите судири и инциденти меѓу бегалците и зачестените кражби на храна, вербално го нападнаа градоначалникот, фрлија пред него ќесе со јагнешка глава и се закануваа дека доколку не се преземе нешто да се нормализира ситуацијата на островот, тие ќе преземат драстични мерки.

Во Морија има околу 3.500 бегалци и мигранти кои се заглавени таму и чекаат дали ќе им биде одобрено барањето за азил или, пак, ќе бидат вратени во Турција.

Процесот на одобрување на барањата за азил и на одлуките за реадмисија на бегалците кон Турција се одвиваат со многу бавен ритам. Грчките власти вчера во Турција вратија осум лица од мигрантскиот центар во Хиос, пет Авганистанци, двајца Иранци и еден Алжирец.

Според информациите од министерството за цивилна заштита, од почетокот на договорот меѓу ЕУ и Турција, Грција вратила на турско тло 449 лица од различна националност, додека според заедничкиот протокол за реадмисија меѓу Грција и Турција – 1.053 лица.

Во Грција, според последните владини бројки, има повеќе од 58.000 бегалци на островите, во бегалските центри и во изнајмените простори, хотели и станови од УНХЦР. Договорот ЕУ – Турција успеа да помогне да се намали бројката на луѓе што пристигнуваат во Грција, па наместо неколку илјади, денеска во Грција пристигнале осум луѓе, а вчера 55.

http://meta.mk/bavno-odi-vrakaneto-na-begaltsite-od-grtsija-vo-turtsija/