Бектеши: Ако треба ќе донесеме дополнителни мерки за ублажување на цените

Сподели

 

На Владата и се на располагање и други автономни мерки што ќе ги донесеме ако утврдиме дека дополнително може да се влијае на ублажување на цените, а откако ќе се направат потребните анализи, најави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече Бектеши во гостување на Сител, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи досега направиле над 1.100 контроли и се изречени соодветни казни, но мерките главно се почитуваат.

Мерките што се во сила, како таа за намалување на ДДВ за основните прехранбени производи и таа за утврдување на маржите на трговците на  големо и мало,  според него, имаат ефект но, како што нагласи, треба да се има предвид и можното влијание на цените на репроматеријалите кои се увезуваат во нашата држава, а во делот на производоствената цена што ја формираат производителите.

„Во делот на трговијата на големо и  мало интервениравме во профитните маржи, каде што за три производи утврдивме да нема никаква маржа, а за другите да има четири и три проценти и тоа го следиме секојдневно преку инспекторатот.  Ако треба на наредната седница ќе донесеме и дополнителни мерки од автономните кои ги имаме на располагање. Тоа би било укинување на одредени квоти кои се предвидени за некои земјоделски производи, а дополнително и царински давачки. За одредени производи имаме царинска стапка од 29 проценти или од 32 проценти, тие ќе ги укинеме целосно, се со цел да има што поголем број на производи и можност за трговците во нашата држава да имаат поконкурентни цени. Утре, задутре ќе ги направиме последните анализи за начинот како се спроведуваат и ефектите што ги имале мерките. Ако утврдиме дека дополнително може да се влијае во делот на ублажување на цените секако дека во текот на оваа недела ќе ги донесеме – изјави министерот Бектеши.

Утре, задутре, дополни министерот, ќе имаме точни извештаи, ќе ги разгледаме на Влада и ќе донесеме соодветни мерки.

Според него, продолжувањето на одлуката за забрана на извоз на житни култури и на маслото за јадење до 15 април, наместо првичните предвидени 10 дена, не значи дека државата се соочува со недостиг.

Имаме доволно залихи од овие производи и суровини. Мерката ја продолживме заради тоа што има простор да се направи манипулација. Во моментот кога Србија објави дека ќе забрани извоз на одредени производи веднаш од соседните држави почнаа да даваат двојно или тројно поголеми цени на нашите компании и одредени сакаа да го насочат нивното производство за извоз, а не за домашниот пазар, што би можело да влијае на цените внатре во државата и затоа ние одлучивме да забраниме извоз , додаде министерот Бектеши.