Вести Македонија

БИЛАТЕРАЛНА СРЕДБА: КОЅИАС И ПОПОВСКИ ВО ЧЕТВРТОК ВО СКОПЈЕ

kotz-630x400-1

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас в четврток доаѓа во Скопје. Според неофицијални информации во Грција, Коѕиас доаѓа во Скопје на покана на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, и ќе се обрати на Амбасадорскиот совет во Министерството за надворешни работи пред шефовите на дипломатско-конзуларните преставништва на Македонија.

Коѕиас ќе има и тет-а-тет средба со Попоски, со кого последен пат се сретна и разговараше во јули на маргините на Самитот на НАТО во Варшава. На агендата на посетата на Коѕиас се очекува да бидат спорот за името, билатералните односи меѓу Македонија и Грција, како и европската перспектива на Македонија.

Ова ќе биде втора посета на Коѕиас на Скопје. Шефот на грчката дипломатија се сретна со Попоски во јуни минатата година во македонското МНР, средба на која беа и официјално најавени и потпишани мерките за градење доверба меѓу двете земји.

Лани, во посета на Атина беше и министерот Попоски. Двајцата министри имаа повеќе тет-а-тет средби на маргините на различни меѓународни самити, а се очекува повторно да се сретнат и есенва, на вториот регионален самит меѓу Грција, Албанија, Бугарија и Македонија што го иницира грчкото МНР.

Само еден ден пред посетата на Коѕиас, утре во Охрид, на Школата за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов ќе се обрати солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој се очекува да има средба со Иванов.

Оваа интензивирана политичка и дипломатска активност меѓу грчките и македонските политичари во Грција се проценува како обид да се подобри климата и да се зацврсти довербата меѓу двете земји, како и во насока на создавање попријателска атмосфера меѓу владите на двете земји.

meta.mk

Сподели: